Хидроцефалус
Хидроцефалус представува патолошка состојба на мозокот при што има зголемено количество на вода (ликвор) во мозокот, поточно во празните простори во мозокот кои се наречени комори. Вишокот на вода ги исполнува коморите и врши притисок на останатиот дел од мозокот. Оваа состојба доколку не се третира навремено е животозагрозувачка.
Хидроцефалус може да се јави во секоја возраст. Кај доенчиња најчесто е поради некоја вродена аномалија, а кај постарите лица како резултат на некој тумор, крварење или постоперативна компликација.
Симптомите најчесто се знаци кои покажуваат покачување на интракранијалниот притисок (притисокот во внатрешноста на главата), а тоа најчесто започнува со повраќање во млаз.
Кај бебињата освен повраќање се забележува и поголем обем на главата и напната фонтанела.
Кај возрасните симптомите се надополнуваат и со раздразливост, поспаност, конфузност, губење на контрола на мочен меур, главоболки, проблеми со видот.
Дијагнозата се поставува на база на клиничка слика и KTМ.
Третманот на хидроцефалус е оперативен и има потреба од поставување на пумпа која што ќе ја намалува количината на водата.
Кога е потребно да се консултира лекар и да се посомневате за хидроцефалус?
Ова е состојба која што е многу сериозна и бара навремена дијагностика и третман, затоа е најдобро да се консултира лекар при појава на некој од овие симптоми.
