Иновативен третман за фармакорезистентна епилепсија – VNS Therapy

ЈЗУ Универзитетската клиника за неврохирургија при УКЦ „Мајка Тереза“ – Скопје, воведува современ и докажан метод за третман на фармакорезистентна епилепсија – Vagus Nerve Stimulation (VNS) Therapy.
Оваа процедура беше воведена на нашата клиника по спроведена стручна обука и едукација реализирана од страна на Владимир Башчаревич, професор по неврохирургија при Клинички центар во Р.Србија, кој ја водеше целокупната менторска и едукативна програма.
По завршување на обуката и исполнување на сите професионални и технички предуслови, VNS терапијата е воведена како редовна и рутинска процедура на нашата клиника во третманот на фармакорезистентна епилепсија.
Во реализацијата на оваа современа невромодулациска терапија е вклучен неврохируршки тим, во тесна соработка со мултидисциплинарен тим од Клиниката за неврологија, во кој учествуваат: проф. д-р Емилија Цветковска и проф. д-р Бојан Бошковски.
Со ова, на нашата клиника е воспоставен интегриран и современ пристап во лекувањето на пациенти со тешко контролирана епилепсија, согласно актуелните европски и светски стандарди.
Што претставува VNS Therapy?
Vagus Nerve Stimulation (VNS) Therapy е имплантабилен медицински уред кој преку контролирана електрична стимулација на левиот вагусен нерв испраќа импулси до мозокот, со цел модулација на мозочната активност и подобра контрола на епилептичните напади.
Терапијата се применува како адјувантен третман кај пациенти со фармакорезистентни фокални и генерализирани форми на епилепсија, кај кои медикаментозната терапија не обезбедува задоволителна контрола на нападите.
Како се изведува интервенцијата?
Имплантацијата на VNS системот се изведува во целосна (општа) анестезија и претставува минимално инвазивна хируршка процедура. За истата е потребен специјален инстурментариум како и неврохирушки микроскоп.
Системот е составен од:
- мал пулс-генератор кој се поставува под кожата во пределот на градниот кош;
- тенка електрода која се поврзува со левиот вагусен нерв во вратот.
Оваа процедура не претставува мозочна операција.

Персонализиран пристап и следење
По имплантацијата, уредот се активира и индивидуално се програмира според клиничките потреби на секој пациент. Стимулацијата започнува со најниски параметри, кои постепено се прилагодуваат со цел постигнување оптимален терапевтски ефект и добра толеранција.
Современите VNS системи овозможуваат:
- автоматска стимулација при физиолошки промени кои можат да претходат на епилептичниот напад;
- евиденција на активностите и нападите;
- дополнителна рачна контрола преку магнетна алка, со која пациентот може привремено да активира или деактивира стимулација (во согласност со лекарски инструкции).
Наше искуство и резултати
Врз основа на досегашното клиничко искуство кај пациентите со имплантиран VNS системи, се забележува:
- намалување на фреквенцијата и тежината на епилептичните напади;
- побрзо и полесно опоравување по напад;
- подобра функционалност и враќање кон секојдневните активности;
- подобрена контрола на нападите преку автоматските функции на уредот.
Со воведувањето на VNS Therapy, ЈЗУ Универзитетската клиника за неврохирургија продолжува да ги следи најсовремените светски стандарди во третманот на епилепсијата, нудејќи иновативни, безбедни и ефикасни решенија со јасна цел – подобрување на квалитетот на живот на пациентите.
