Цервикална миелопатија предизвикана од дегенеративен диск-остеофит комплекс

Асс. Др. Благој Шунтов.
Прикажуваме случај на 56-годишен пациент со податок за повеќе од две години прогресивни симптоми, следени со нарушување на одењето и вкочанетост на долните екстремитети. Невролошкиот преглед покажа знаци на спастична одземеност на долните екстремитети и знаци за појачани мускуло-тетивни рефлекси, што укажува на зафатеност на долгите патишта во ’рбетниот мозок.
Предоперативната магнетна резонанца прикажа знаци на оштетување на дел од вратниот сегмент на рбетниот мозок на нивото Ц5-Ц6 со изразена вентрална компресија на цервикалниот ’рбетен мозок предизвикана од голем тврд дис-остеофит комплекс.
Пациентот беше третиран хируршки со предна цервикална декомпресија и фузија (ACDF). Интервенцијата вклучуваше целосно отстранување на остеофитниот комплекс и ресекција на задниот надолжен лигамент (PLL), со што беше постигната директна и комплетна декомпресија на ’рбетниот мозок. Интраоперативната флуороскопија (интаоперативен рентген) потврди адекватна декомпресија и задоволителна реконструкција на сегментот.
Операцијата беше изведена со примена на прецизна микрохируршка техника со помош на неврохируршки микроскоп и внимателна анатомска дисекција.
Постоперативно пациентот се опоравува без потешкотии и е во стабилна општа и невролошка состојба. По завршување на болничкото лекување ќе следи период на физикална терапија и рехабилитација.
Ваквите случаи потсетуваат дека кај пациентите со прогресивна цервикална миелопатија, навремената и темелна декомпресија на ’рбетниот мозок останува клучен фактор за подобрување на невролошката функција и квалитетот на животот.

