Штетното влијание на тутунот врз неврохируршките болни

На нашата Неврохируршка клиника често пати ги гледам пациентите по ходници како пушат. Пушат тие кои чекаат на операција, но и оперираните, тие што се во состојба да се движат самостојно или со помош на другите.
За штетното влијание на тутунот врз нашето здравје светот знае со векови, а од 1964 и статистички е докажано неговото директно влијание врз развојот на белодробните тумори.
Сакам да ги информирам нашите ценети пациенти за штетните ефекти на пушењето врз исходот на неврохируршките операции.
Дали знаете дека пушењето кај неврохируршките пациенти ја зголемува неколкукратно опасноста од периоперативни компликации? Зборуваме за инфекции, потешко зараснување на раните, неуспешно спојување на коските при операции на ‘рбет. Пушачите имаат подолг болнички престој, повеќе потреба од повторени операции и послабо опоравување од непушачите. Посебно осетливи се пациентите со мозочни аневризми, пушачите имаат неколку пати поголема опасност од нивна руптура (прскање).
Затоа, ако го цените вашето здравје, престанете со пушење, барем неколку дена пред и после операција! Вратете се побрзо и поздрави дома кај вашите најмили!
