Со посебно задоволство ве информирам дека во тек на минатата недела на Клиниката за неврохирургија во Скопје за прв пат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).
Ова е минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на една рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа.
За да дојдеме до овој резултат, претходно имавме подготовки со тим на експерти од Бразил – Проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженер Г-динот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим се состои од Др Роберт Шумковски, Др Ивица Коцевски, Др Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и Др Радмила Панговска (анестезиолог).
Посебна благодарност до:
- Тимот од неврохируршките сали и од оддел за континуираната подршка во тек на работниот процес;
- Г-ѓа Драгана од фирмата Аксиј Про за организирање на доаѓањето на гостите од Бразил и одличната техничка подршка;
- Клиниката за радиологија за безрезервната и трпеливата подршка во процесот на организација на работниот процес.
Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невродегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти се упатуваат на скапи лекувања во странство.