Што претставува оваа состојба и зошто бара итна неврохируршка консултација?
-Субдурален хематом е сериозна состојба при што се собира крв помеѓу черепот и мозокот, поточно под тврдата мозочна обвивка (dura mater). Може да биде вид на нетрауматска и трауматска повреда на мозокот која може да биде опасна по живот и бара итна медицинска помош.

Причини
- Најчеста причина е удар во главата (пад, сообраќајна несреќа, спортска повреда или физички напад).
Фактори кои го зголемуваат ризикот:
- Возраст: Кај лица над 65 години мозокот малку се собира (atrophy), што ги прави малите вени потегнати и лесни за пукање, *руптура на мостните вени → крварење во субдуралниот простор
- Лекови: Користење антикоагуланси (лекови за разредување на крвта).
- Алкохолизам: Хроничното пиење го оштетува црниот дроб, што го спречува нормалното згрутчување на крвта.
- Болести: На пример, хемофилија.
Симптоми на кои треба да внимаваате
– Главоболка, поспаност, збуеност
– Слабост или утруеност на едната страна на телото
– Проблеми со говорот, видот или испуштање на свеста
– Напади (конвулзии)
Видови на субдурален хематом
Видовите ги разликуваме според брзината на појавување на симптомите:
Акутен: Најопасен вид. Симптомите се јавуваат веднаш по повредата (минути до часови). Притисокот врз мозокот брзо расте. Акутен: до 72 часа по повреда; висок ризик од масивна компресија на мозок.
Субакутен: Симптомите се појавуваат со задоцнување од неколку дена до недели по повредата.Субакутен 3-21 ден.
Хроничен: Почест кај повозрасни пациенти . Крвавењето е бавно, а симптомите може да се појават по неколку дена или недели. Честопати пациентот заборава дека воопшто имал лесна повреда на главата. Хроничен >21 ден

Дијагностички процедури
КТ Скен (Компјутеризирана томографија): Златен стандард за брза дијагноза во ургентни состојби, процена на дебелина и поместување на средните структури на мозокот (midline shift).
МРИ (Магнетна резонанца): За подетална слика кај хронични или субакутни форми.
Клиничка процена: GCS, невролошки фокални симптоми, зеници.
Третман на субдурален хематом
Конзервативен третман, хируршки третман?
Индикации за конзервативен третман: мали, стабилни хематоми без значителен поместувачки ефект (вообичаено дебелина <10 mm и midline shift <5 mm) и стабилен невролошки статус.
Мерки: хоспитален мониторинг, позиција со глава 30°, оптимизација на витални функции, реверзирање на коагулопатија, чест невролошки надзор, контролни CT во 24–48 часа, понекогаш ICP мониторинг.
Индикации за хируршки третман – критериуми
Дебелина >10 mm или midline shift >5 mm — оперативна евакуација.
Прогресивно паѓање на невролошки статус или (glasgow coma score *GKS) со знаци на компресија или неправилни зеници, тогаш е потребна итна интервенција за екавуација на крварењето.
Одлуката се прилагодува според возраст, коморбидитети и терапија со антикоагуланси.
Хируршки техники
Burr Hole дренажа: најчесто за хронични СДХ.
Краниотомија: за акутни густите хематоми или кога е потребна директна хемостаза.
Краниектомија: за декомпресија кај изразен мозочен едем/хернијација.
Интраоперативни принципи: брза евакуација, темелна хемостаза, поставување субдурален дрен.
Постоперативна нега
НИ/ИНУ нега, мониторинг на GCS/ICP, контролен CT во првите 24–48 часа.
Дренажата се задржува според клиничка и радиолошка состојба (често 24–72 часа),редовни стерилни преврски на рана.
Корекција на коагулопатијата, инфекциона профилакса по локален протокол, индивидуализирана антиконвулзивна стратегија, рана рехабилитација.
Мултидисциплинарно донесување одлуки за ресетирање антикоагулација.
-Можни компликации
Рецидив, инфекција, постоперативна епилепсија, трајни невролошки дефицити, хидроцефалус (поради ретки форми).
Заклучок
Рана дијагноза и навремена терапија — конзервативна или хируршка според клинички и радиолошки критериуми — се клучни за подобар исход. Хируршката интервенција е индицирана при дебелина >10 mm, midline shift >5 mm или прогресивно невролошко влошување. Постоперативната нега и мултидисциплинарен пристап се неопходни.
Корисни совети!
упатство за закрепнување дома по операција на субдурален хематом за пациенти.
Почитувани пациенти, успешното закрепнување по операцијата на главата зависи и од вашата грижа дома. Ве молиме внимателно следете ги следниве насоки:
- Грижа за оперативната рана
Чистота: Одржувајте го превезот (газата) сув и чист. Не ја допирајте раната со валкани раце.
Миење: Не ја мокрете главата додека не ви бидат извадени конците (обично 10-14 дена по операцијата), освен ако вашиот неврохирург не каже поинаку.
Чешање: Нормално е чуство на чешање на раната додека зараснува. Избегнувајте чешање за да спречите инфекција.
- Физичка активност и одмор
Постепено движење: Се препорачуваат кратки прошетки низ домот. Избегнувајте долго лежење во иста позиција.
Ограничувања: Во првите 4-6 недели строго е забрането кревање тешки предмети (над 2-3 кг), нагло наведнување на главата надолу и тешки физички вежби.
Спиење: Спијте со благо подигната глава (користете две перници) за да се намали евентуалниот отокот.
- Исхрана и лекови
Течности: Пијте доволно вода за да избегнете дехидрација и запек (напрегањето при дефекација го зголемува притисокот во главата).
Терапија: Пијте ги препишаните лекови (антибиотици, аналгетици или лекови против напади) точно навреме.
Важно: Не земајте аспирин или други лекови за разредување на крвта без изрична дозвола од вашиот неврохирург.
- Кога ВЕДНАШ да не контактирате?
Побарајте медицинска помош доколку забележите:
Промени на раната: Истекување течност (гној или крв), црвенило, оток или непријатен мирис.
Покачена температура: Температура над 38°C која не се спушта.
Невролошки знаци: Нова збунетост, поспаност од која тешко се будите, силна главоболка која не поминува со лекови.
Напади: Појава на грчеви во телото или губење на свеста.
Проблеми со говорот или видот: Ненадејно заматување на видот или отежнат изговор на зборови. *општ информативен текст за пациенти
Dr Siratel Haliti